СДСМ: За нас зборот е збор!

Започнати градежни активности на брана на река Отиња, место со придобивки за рекреација и наводнување, инвестиции за училиштата и градинките и улиците во градот. Предизборно на денешната прес – конференција презентирано беше сработеното во овој мандат од програмата на владејачката партија, СДСМ. Од таму посочија дека биле реализирани капитални проекти како резултат на грижата за граѓаните. Стремежот им бил насочен кон подобрување на квалитетот на животот, па и парите биле потрошени во таа насока.

„После децении наназад изградивме нова детска градинка во населба „Сењак“ која во целост ги задоволи потребите на жителите од оваа населба. После 60 години изградивме нов мост на река Брегалница кој воспоставува врска помеѓу населбите „Пребег“ и „Сењак“. Го решивме проблемот со паркинг места во централното градско подрачје со изградба на две паркинг платформи со капацитет од 80 паркинг места. Со чист образ излегуваме и пред граѓаните на населба „Балканска„ и Чардаклија кои конечно се приклучија на градскиот водовод и пијат чиста и здрава вода за пиење. Најгорди сме со отпочнување на најкапиталниот проект за Штип, деценискиот сон на сите штипјани, брана на река Отиња.“ – истакна Кангалов.

Ваквото владеење, според нив, претставува причина за граѓаните да им ја дадат довербата на претстојните избори на 17 октомври.

Лаура Стојанова М-Нет