СДСМ е против една изборна единица, се надева дека така ќе го одложи сопствениот распад, велат од Левица

СДСМ повторно потврди дека политичката ирелевантност не е само прашање на изборен резултат, туку и на политички рефлекс, велат од Левица.

„Партија која со години секој принцип го претвораше во монета за поткусурување, денес се обидува да држи лекции за опозиционерство на парламентарна партија која иницираше координација на опозицискиот блок околу суштинска реформа на Изборниот законик.
Наместо одговорна и достоинствена реакција и воопшто став за една изборна единица – СДСМ излезе со соопштение составено од политичка фрустрација и очајнички обид вниманието да се пренасочи од темата што очигледно најмалку им одговара“.

Во текот на целата дебата за Изборниот законик, според Левица, СДСМ не изгради ниту една препознатлива политичка позиција за суштинските прашања. Наместо да објаснат, како што велат, дали се за една изборна единица, дали секој глас треба да вреди еднакво и дали Македонија конечно треба да добие поправеден изборен систем, тие упорно се обидуваат дебатата да ја сведат на конспиративни теории.

Од Левица оценуваат дека одбивањето на координација претставува директно пропуштање на можноста власта да биде обврзана да прифати заеднички опозициски став.

„Особено симптоматично е што партијата која со години тврдеше дека се залага за една изборна единица, денес одбива дури и да седне на маса за да разговара за таква реформа. Ако и понатаму се за една изборна единица, тогаш што ги спречува да учествуваат во разговорите? Ако повеќе не се, нека имаат доблест да им го кажат тоа на своето членство.

Неодговорно е што ваквиот пристап ги продлабочува поделбите меѓу опозициските субјекти токму во момент кога постои реална можност за заедничко дејствување. СДСМ со своето одбивање не ја казнува Левица, туку ја пропушта можноста опозицијата да настапи усогласено и да издејствува подобри изборни правила“.

За СДСМ, според оваа партија, сепак, сегашниот изборен модел е прашање на политичко преживување. Затоа панично го бранат системот што произведува изгубени гласови, непропорционална распределба на мандати и вештачки политички кислород за партии кои одамна ја загубија довербата кај граѓаните.

„Се надеваат дека она што повеќе не можат да го добијат од граѓаните, ќе го добијат од изборната математика.

Кога некаде нема поделба на плен, амнестии, институции или политички комфор, ним им изгледа како да нема ни причина за средба. Разбирливо е што не можат да сфатат дека постои партија кои разговара за правила, а не за привилегии. Во нивниот политички универзум, разговорите никогаш не се однесуваат на јавниот интерес. Затоа и не можат да поверуваат дека некој навистина свикува состанок за една изборна единица, а не за политичко пазарење. Толку долго функционираат во логиката на политичките комбинации, што денес секоја иницијатива ја мерат според сопствените навики.

Уште поиронично е што партијата која осум години беше носител на власта и заедно со ДПМНЕ по скратена постапка ги донесе скандалозните измени на Кривичниот законик со кои беа амнестирани околу 80 функционери на ДПМНЕ, денес комично се обидува да се претстави како авангарда на отпорот против политичкиот естаблишмент. Тешко е да се глуми револуционер откако си бил архитект на најконтроверзните политички зделки“.

Граѓаните, нагласуваат од Левица, веќе им пресудија.

На локалните избори во Скопје во 2025 година, Левица, истакнуваат од таму, стана најсилната опозициска политичка сила во главниот град, додека СДСМ го доживеа својот најтежок политички пад.

„Наместо да направат анализа зошто граѓаните им го свртеа грбот, тие повторно бараат виновник во Левица.

На крајот, останува само едно прашање на кое СДСМ упорно одбива да одговори:
Дали сте за една изборна единица или не?

Сè друго е очајнички обид да се спаси сопственото распаѓање“.

Текстот СДСМ е против една изборна единица, се надева дека така ќе го одложи сопствениот распад, велат од Левица е превземен од МАКФАКС.