
Домашна свинска маст од радовишко Подареш, продава Николчо Алексов на пазарот во Штип. За тегла тој и бара по 100 денари. Маста ја подготвува од свинска сланина, која ја топи на тивок оган, а дополнително од истата добива и џимиринки. Иако во денешницата оваа стара практика е запоставена, сепак Алексов е еден од оние, кој и ден денес продолжил да ја негува. Според него свинската маст е подобра од зејтинот. Тој смета дека и храната зготвена со свинска маст е повеќе здрава.
„Ние не чуваме стока повеќе. Се коле прасето и од мрснето месо, што е салото се топи. Излегуваат чварки, а тоа се топи. Сто денари, сто денари една тегла, а сто пати е поуава од зејтинот. Ние се научивме на лесно. На жените и е полесно, ајде зејтинче. А да испржиш пиперки, било што, таа е повеќе здрава, поздрава е и природно е“, вели Алексов
Никочо тврди дека маста лекува и рани, изгореници и суви раце. Во минатото таа се користела речиси секој ден.
„Едно време ја земаа, во нашето село имаше секоја куќа по две свињи. Ја земаа бурекчилниците, ја трошеа за буреци, за тие работи. Сега бидејќи е полесно, таа палмината маст што е, им е полесно и поубаво.“, додава Алексов
Во минатото свинската маст ја конзумирале и на поинаков начин. Се јадела намачкана на леб и во различни комбинации и во семејството на Алексови. Додека денеска свинската маст е реткост на пазарот и е лесно заменета со други продукти.
Иван Митев, М-Нет