Сајбер-напад врз дигиталната инфраструктура минатата недела на УГД Штип, сите податоци и бази се целосно заштитени и безбедни

Сајбер-напад врз дигиталната инфраструктура минатата недела на штипскиот универзитет „Гоце Делчев“. Како што соопштуваат тие, техничките тимови веднаш ги изолирале системите за да спречат поголема штета, а случајот е пријавен и кај надлежните за сајбер-безбедност. Од Универзитетот велат дека сите податоци и бази се целосно заштитени и безбедни. Во тек е санација на мрежата, по што електронските сервиси постепено ќе се враќаат во функција. Дотогаш, наставата се одвива редовно, а сите потврди и документи се вадат физички на шалтерите на студентските служби.

“По детектирањето на неовластената активност, техничките тимови на Универзитетот постапија согласно со актуелните безбедносни протоколи и превентивно ги изолираа засегнатите системи, со цел да се спречи понатамошно ширење на инцидентот. Настанот веднаш беше официјално пријавен до Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти (МКД-ЦИРТ), како и до останатите надлежни институции.
Во изминатите денови, стручен тим за дигитална форензика и сајбер-безбедност, во координација со нашите информатички служби и според пропишаните стандарди, спроведе детална форензичка анализа на инцидентот.
Во тек е целосна санација на инфраструктурата и подготовка за безбедно пуштање на сите сервиси во функција.”, соопштуваат од универзитетот

Од универзитетот потврдуваат дека резервните копии на сите универзитетски системи и бази на податоци се целосно валидни, зачувани и во одлична состојба, што овозможува сигурно и контролирано враќање на сервисите. По целосното завршување на форензичката постапка и безбедносните проверки, ќе започнеме со етапно и контролирано пуштање во употреба на дигиталните сервиси. За секој обновен сервис студентите и вработените ќе бидат навремено известени преку официјалните канали на Универзитетот. Наставниот и административниот процес велат продолжиле да се одвиваат непречено, со соодветно приспособување до целосната нормализација на дигиталните платформи. Студентите и вработените беа навремено известени дека сите потребни потврди и документи можат редовно да ги извадат во физичка форма на шалтерите на студентските служби и оваа пракса продолжува сè до целосното враќање на електронските сервиси.

Иван Митев, М-Нет