Саса и Овче Поле ги поделија бодовите, Карбинци загуби од Огражден, трите бодови останаа во Делчево

Третото коло на Трета лига регион 3 донесе неколку клучни дерби пресметки на патот кон врвот од табелата. Дерби се играше во Македонска Каменица каде ланскиот второлигаш Каменица Саса и Овче Поле ги поделија бодовите во меч каде беа постигнати четири гола за 2:2.

Домашниот тим со гол во финишот се спаси од пораз, а со тоа гостинот од Свети Николе остана без можноста за освојување на целиот „плен“ во Македонска Каменица.

Трите бодови останаа во Делчево, откако Брегалница со минимални 1:0 славеше над ланскиот второлигаш Слога од Виница, а пак Карбинци со несреќен автогол загуби во Ново Село од Огражден со минимални 1:0, со што дебитантот има учинок од три победи на толку натпревари, а пак Карбинци е без бодови на дното.

Во Дојран немаше победник откако Дојранско Езеро и Хоризонт Турново ги поделија бодовите играјќи 2:2, додека пак во Валадново ланскиот шампион Победа славеше со 2:1 против Ударник во локално дерби.

Натпреварот во Берово меѓу Малеш и Тиверија не се одигра, бидејќи гостинот од Струмица не се појави на теренот, со што Малеш овој меч го добива со службени 3:0 и службени три бодови.

Тиверија имаше катастрофален старт на сезоната загуби од Овче Поле во Свети Николе со 11:0, а потоа дома беше декласирана со 0:13 од Дојранско Езеро, а во рамките на третото коло не заминува ниту во Берово да го одигра мечот со Малеш.

Со по девет бодови Победа Валандово и Огражден го делат првото место, Малеш и Брегалница Делчево имаат по седум бода за делба на третото место, Овче Поле и Каменица Саса со по пет бодови го делат петтото место.

Дојранско Езеро е седми со четири бодови, а пак Хоризонт Турново е осми со два бодови, а пак Ударник е на деветтото место со еден освоен бод од можни девет. Без бодови по три кола се Слога од Виница, Карбинци и Тиверија.

Александар Ванев, М-Нет