
Наместо јавната површина да биде простор што ќе им служи на сите станари, во населбата Автокоманда во Штип, во дворно место на станбена зграда во близина на поранешен „Базалт“ на ул.,,Сремски фронт”, никнала гаража за која соседите тврдат дека е бесправно изградена на јавна површина.
Случајот предизвика реакции кај жителите, кои се прашуваат како е можно поединец самоволно да заземе простор што не е негова приватна сопственост и да го претвори во сопствена гаража.
Дополнителна иронија во целата приказна е тоа што, според тврдењата на соседите, гаражата ја изградило свештено лице, и тоа во неделата на празникот Митровден – ден кој, според народните верувања, се смета за тежок празник кога не треба да се работи.
Но, овде очигледно поважно прашање од денот кога се градело е дали воопшто имало право да се гради на таа површина.
Револтираните граѓани случајот веќе го пријавиле до надлежните институции, од кои очекуваат да излезат на терен, да ја утврдат фактичката состојба и да постапат согласно законите.
,,Јавниот простор не е ничија приватна сопственост и не може секој да го оградува, доградува и присвојува според сопствена желба. Ако постои бесправна градба, тогаш не треба да има привилегирани, ниту исклучоци – законите мора да важат подеднакво за сите.” – реагираат жителите до нашата редакција.