
Инспекторите од Државниот санитарен и здравствен инспекторат влегуваат во Детската градинка „23 Август“ во Берово откако се потврдија два случаи на салмонела кај две дечиња. Градоначалникот, Звонко Пекевски, вели дека Општината ги презела сите потребни мерки што се во нивна надлежност, за појавата на салмонела ќе се расправа и на закажаната седница на Совет, ќе се свика Управниот одбор на Детската градинка, а постапката на ЦЈЗ е на нивна иницијатива врз основа на двата случаи.
„Од страна на Општината е побарано да детската градинка писмено нѐ извести што е случајот, во кој период е настаната ситуацијата и што е преземено од нивна страна до денес. Надвор од она што го побаравме, ќе се закаже веднаш и седница на Управен одбор за да се споделат информации околу појавата на салмонела, а истовремено преку Центарот за јавно здравје е иницирана инспекциска постапка за да се утврди дали произлегла од детската градинка или е појавена на друго место“, вели Пекевски.
Пекевски посочува дека ја разбира загриженоста на родителите, но замолува да не се шпекулира во однос на бројот на деца кај кои е потврдена салмонела. Свесен е дека појавата создава паника, но вели дека треба да се почекаат релевантните податоци за да се утврди во која насока ќе се движи постапката и за да се утврди одговорноста. Во моментов важно е да се превенира и утврди состојбата, а бројот на деца во градинката не е намален.
„Јас во моментов ги почитувам загрижените родители и тие, практично, ја започнаа постапката за утврдување на двата случаи на салмонела, меѓутоа сѐ додека не излезат институциите со став и утврдување на состојбите, замолувам да не се шпекулира. Останатите родители сѐ уште ги згрижуваат децата во детската градинка“, вели Пекевски.
Од кочанскиот Центар за јавно здравје велат дека по потврдените случаи, а согласно со законските прописи, известени се Државниот санитарен и здравствен испекторат и Агенцијата за храна и ветеринарство кои ќе направат контрола во градинката.
„Во врска со случајот во Берово нашата стручна служба доби вкупно пет мостри, од кои кај две е констатирано присуство на салмонела. Епидемиолог од нашиот центар веќе е на терен во Берово и работи на прибирање на потребните податоци за натамошно утврдување на тоа што довело до влошување на здравствената состојба на дечињата. Сè уште не можеме да потврдиме дали труењето настанало во градинката или на друго место“, вели Гоце Серафимов, директор на Центарот за јавно здравје – Кочани.
Сомнежите за салмонела се појавија откако кај дел од децата имаше симптоми како повраќање, дијареа и покачена телесна температура. Од градинката бараа родителите да не ги носат децата во градинката ако забележат промени во нивната здравствена состојба и да се консултираат со матичен лекар.
Ребека Спасова М-Нет