
Заврши есенската полусезона во Втората женска фудбалска лига со седум одиграни натпревари, Ржаничино е есенски шампион со три повеќе од Билјанини Извори кој е втор, Башкими има одличен учинок во есенскиот дел како дебитант, на дното две екипи.
Екипата на Ржаничино есенската етапа ја заврши со максимален ефект – седум победи од толку натпревари и максимални 21 бод. Тимот кој е дебитант има неверојатен резултат и ќе презими на првото место со плус три бода во однос на поранешниот шампион на Македонија, Билјанини Извори кој е втор со 18 бодови. Тимот од Охрид има шест победи и само еден пораз, токму од Ржаничино.
На третото место е Топ Гол од Битола, ланскиот прволигаш со пет победи и два порази има 15 бодови, а со двоцифрен број на освоени бодови е Башкими, тимот од Куманово е дебитант и има одлична есенска полусезона со десет бодови.
На петтото место е уште еден дебитант, Менада од Тетово со девет бодови, три победи и четири порази, а пак Победа Валандово е повратник во Втората лига и есенскиот дел го завршува на шестото место со седум бодови.
На претпоследното место е дебитантот Топ Грлс од Охрид со само еден бод, а пак Плачковица од Радовиш е на дното со минус два бодови, бидејќи тимот не го одигра Куп натпреварот со Кочани и беше санкциониран со минус три бода, во со Топ Грлс во Радовиш ремизираше и освои бод со што намали од минус три на минус два бода.
Пролетниот дел ќе стартува кон месец март 2027 година со мечевите од осмото коло.
Првопласираниот тим има директен влез во Прва лига, а пак второпласираниот тим ќе игра бараж за влез во елитата со деветтопласираниот прволигаш кој ќе се бори за опстанок.
Александар Ванев, М-Нет