Решен проблемот со парното греење, средното медицинско училиште подготвено за второто полугодие

Штипското средното медицинско училиште „Јане Сандански“ подготвено за второто полугодие. Ова беше утврдено при денешната посета на градоначалникот, Иван Јорданов, кој заедно со директорката, Маја Гичева, ги увиде тековните реконструкции во ова училиште.

„Правиме увид на припремите за почеток на второто полугодие од оваа учебна година. Од информациите коишто ги добив од директорката, овде се врши реконструкција, односно обнова на вратите, за што се издвоени финансиски средства од 1.100.000 денари. Исто така, завршена е и постапката за набавка на персонални компјутери и лаптоп – компјутери за потребите на кабинетот по Информатика во ова училиште. Можам да констатирам дека овде состојбата и условите за непречено одвивање на наставата во второто полугодие се одлични, така што спремни ќе го дочекаме“, истакна Јорданов.

Директорката Гичева информираше дека во ова училиште е решен и проблемот со парно греењето, кој се јави на крајот од првото полугодие во тековната учебна година. Како што додаде таа, со тековните реконструкции, како и со решавањето на овој проблем училиштето е подготвено за настава со физичко присуство.

„Оваа прилика можам да ја искористам да ги информирам и родителите и учениците во нашето училиште дека проблемот во однос на парното греење е решен. Успеавме заедно со Општината и во координација со институциите одговорни за средните општински училишта успешно да го санираме проблемот со парното, така што второто полугодие може да започне непречено и со сите услови и протоколи коишто ни ги налага Министерството за образование и наука“, информираше Гичева.

Ова е второ средно училиште кое Јорданов го посети оваа недела. Претходно тој ги посети и основните училишта, а најави посета и на другите средни во наредниот период.

Ребека Спасова М-Нет