Речиси 800 пациенти се на листата за чекање за операција за „перде“ на очи

Околу 750 пациенти чекаат на ред за операција за „перде“ на очи. Бројката постојано расте, а во Клиничка болница Штип се прават по околу 110 операции на месечно ниво. Но, како што вели началникот на Одделот за очни болести, доктор Александар Мишев секогаш има повеќе пациенти од оваа бројка и затоа постојано се во минус па листата на чекање е голема.

„Тоа се од 100 до 110 операции месечно или на годишно ниво околу илјада операции. Освен за летните годишни одмори кога не ги работиме. Стартувавме пред една недела и еве се трудиме листата да ја намалиме.“ – вели Мишев.

Мишев е единствениот доктор кој прави ваков тип на операции, па замоли за трпение од страна на пациентите кои се наоѓаат на листата на чекање. Потенцира дека се работи максимално и дека со зголемување на кадарот оваа листа ќе биде намалена.

„Ги замолувам пациентите да бидат трпеливи бидејќи сум единствениот оператор на нашето одделение, а го покриваме Југоисточниот регион. Листата е од 750 до 800 пациенти кои чекаат за операција. Секојдневно листата се зголемува, неделно оперираме околу 25 до 30 операции. Се надевам дека со новиот кадар ќе дојде до намалување на таа бројка“ – додава Мишев.

Очното одделение при Клиничка болница Штип има само двајца специјализанти, со што проблемот е уште поголем. Во октомври се чека уште еден доктор да замине на специјализација, но потребна е екипираност со цел работите да се одвиваат непречено и да се намали листата на пациети кои чекаат за операција.

Лаура Стојанова М-Нет