Реми во Кочани, Прилеп и Неготино, Брегалница го искористи „киксот“ на водечките Башкими и Македонија ЃП!

ФОТО: Александар Ванев, забрането е превземање на фотографијата без добиена согласност!

На осум кола до крајот во Втората лига ќе гледаме повеќе од неизвесна битка за местата кои водат кон Првата лига, но неизвесно ќе биде и околу битката за опстанок во Втората лига.

Осогово извлече важен бод од тешкиот меч со фаворитот Македонија ЃП, откако во Кочани ремизираше 0:0, во најемотивниот момент за „жетварите“.

Натпреварот започне со минута молк, фудбалерите излегоа со црни маички, а на кои имаше слика од двајца навивачи на навивачката група „Сејмени“, кои животот го загубија во страотниот пожар во дискотеката во Кочани.

Натпреварот во 59. минута запре, фудбалерите застанаа, публиката стана и со грмогласен аплауз им се оддаде почит на 59-те жртви од трагедијата која го зави Кочани и Македонија во црно.

Осогово води битка за опстанок во најтешкиот и најемотивниот момент за клубот, тимот на Крсте Крстев продолжува да собира бодови и за директен опстанок во Втора лига.

Без голови заврши и натпреварот во Прилеп меѓу Победа и Башкими, со што прилепчани освоија многу важен и голем бод во трката за потврда на директниот опстанок, а реми без голови имаше и во Неготино на мечот меѓу Вардар Неготино и Детонит Плачковица, каде домаќинот може да жали за испуштените бодови бидејќи не реализираше пенал, откако ударот на Давид Спасов беше одбранет од голманот на радовишани, Димитар Ѓоргиев.

Борец продолжува со порази и веќе е се подалеку од опстанок, откако велешани загубија на гостувањето во Автокоманда од домаќинот Скопје со 2:1, а пак Беласица преку пресврт со 1:2 дојде до победа над Каменица Саса на гостински терен.

Брегалница доби најмногу во оваа коло откако го искористи „киксот“ на водечките Македонија ЃП и Башкими. Штипјани триумифраа над Кожуф со 0:2 и се доближија на да бода од водечките екипи.

Новаци стави крај на лошата серија резултат и конечно забележа победа откако со 2:1 дома го доби Охрид. Натпреварот меѓу Вардарски и Арсими не се доигра, откако во првиот дел Арсими преку пресврт имаше 1:2 на полувреме, но вториот дел воопшто и не започна бидејќи теренот беше поплавен и целиот под вода со што немаше услови да продолжи натпреварот.

Следниот викенд ќе се одиграат натпреварите од 23. коло на Втората лига.

Александар Ванев, М-Нет