
Новата сезона во Втората македонска фудбалска лига стартуваше со погодоци на сите натпевари, четири домашни победи, една гостинска и две ремија – тоа беше епилогот од стартот на 35. издание на второлигашката конкуренција.
Осогово од Кочани со минимален пораз ја стартуваше новата сезона откако загуби во Струмица од Беласица со минимални 1:0. Струмичани со голот на Рон Мемеди стигнаа до победа во вториот дел од натпреварот и победнички ја отворија сезоната. Меч кој го следевте во живо на М Нет телевизија.
Детонит Плачковица со сигурни 0:2 славеше над ланскиот прволигаш Шкупи со погодоците на Голубов и Димоски. Со резултат од 2:0 и тимот на Брера Струмица славеше над Еуромилк од Горно Лисиче преку головите на Ристов и Жоглев ланскиот прволигаш победнички тргна во новата сезона.
Работнички имаше највисок триумф пред домашната публика со 3:0 го доби Кожуф од Гевгелија, додека пак Македонија ЃП и Тетекс ги поделија бодовите играјќи 1:1.
Дербито на „Билјанини Извори“ му припадна на Охрид, кој со 2:1 славеше над Новаци, а двоен стрелец беше Каланоски, откако првиот гол го постигна од белата точка.
Колото беше комплетирано синоќа со натпреварот меѓу Пелистер и Камјани, каде конечниот исход беше реми со по еден гол за конечни 1:1. Љупче Трпески влезе во историјата на клубот како прв стрелец за Камјани во Втората лига, а дебитантот беше блиску и до три бодови, откако Трпески постигна гол против својот поранешен клуб за 0:1, а во вториот дел Мирчевски од пенал израмни на конечни 1:1 во 86. минута, во меч кој се емитуваше во живо на М Нет телевизија.
Работнички, Брера Струмица, Детонит Плачковица, Беласица и Охрид со по три бода стартуваа во новата сезона, Тетекс, Камјани, Пелистер и Македонија ЃП со по еден бод, а на стартот од сезоната во Втората лига без бодови останаа Осогово, Новаци, Шкупи, Еуромилк ГЛ и Кожуф.
Александар Ванев, М-Нет