Религиозно и организирани празнување на обичајот Четрсе – и двата аспекта се поврзани со бројот 40

Религиозно и организирано празнување практикуваат штипјани во рамки на познатиот обичај Четрсе. Првово е поврзано со силната вера на 40 римски војници, кои заради Христос претрпеле сурова смрт, со каменување и фрлање во замрзнатото езеро. Организираното празнување, пак, го опфаќа она што денес е влезено во листата на светско материјално богатство на УНЕСКО.

„Оној религиозен аспект е поврзан уште од 320 година од новата ера и е поврзан со самиот празник Св. 40 маченици од Севастија. Што го поврзува ова празнување со празникот? Тоа е казнувањето и каменувањето на 40 римски војници во Севастија и фрлање во замрзнатото езеро. Оваа казна била извршена затоа што тие верувале во Бога и поради нивното верување биле каменувани и фрлани во езерото. Организираното празнување на празникот за 22 март – Денот на пролетта потекнува од средниот век, односно од владеењето на Османлиите, кога на самата тврдина на овој ден се организирале пеливански борби во коишто учествувале и муслиманското и христијанското население.“, вели Бети Иванова, виш кустос, етнолог во НУ Завод и Музеј – Штип.

На овој ден штипјани, но и гости од цела држава го продолжуваат обичајот со ускачување на тврдината Исар, собирање каменчиња, и поздравување со 40 луѓе. Денеска се е во знакот на бројот 40.

„Уште од раните утрински часови граѓаните се качуваат кон тврдината и свртени кон реката Брегалница фрлаат каменчиња. Оние кои се немажени или неженти фрлаат 39 каменчиња, а 40 го ставаат под перница верувајќи дека ќе го сонуваат својот иден сопатник“ – додава Иванова.

Жителите на Исарското маало, пак, овој ден го празнуваат како нивна слава и пречекуваат гости. И самиот назив, но и секој обичај се поврзува со бројот 40, што повторно навраќа на религиозното празнување со измачувањето на четириесетте римски војници.

Претходно, домаќинките правеле четириесет мекици, а домаќините послужувале 40 чашки ракија. Сепак, денес овој обичај не се практикува до таа мера, но останува да се пренесува искачувањето на тврдината. Како спој на сите возрасни групи, социјални класи и етнички, верски и религиозни групи, празникот поттикнува заедништво и солидарност меѓу жителите на градот под Исарот.

Лаура Стојанова М-Нет