Рекордни 2.700 учесници од над 30 држави на „Охрид трчат“

Охрид викендов е во знакот на трчањето и спортот. Јубилејното 10-то издание на атлетскиот викенд „Охрид трчат“ привлече повеќе од 2.700 учесници од над 30 држави. Организаторите оценуваат дека станува збор за најмасовното издание досега на една од најпрепознатливите спортско-туристички манифестации во земјата.

Во 8:15 часот утрово стартува полумаратонот на 21 километар и штафетниот полумаратон, додека трката на 5 километри е од  9:00 часот. Во програмата се вклучени и тим-билдинг трки, како и повеќе придружни спортски и забавни содржини. Организаторите подготвија и фитнес настани, ноќна трка, музичка програма и активности за промоција на културното и природното богатство на Охрид.

Меѓу учесниците и годинава е македонскиот рекордер и олимписки репрезентативец Дарио Ивановски, а организаторите очекуваат јубилејното издание уште еднаш да го потврди статусот на „Охрид трчат“ како еден од водечките тркачки настани во регионот.

Атлетскиот викенд „Охрид трчат“ годинава одбележува десет години постоење. Од локална иницијатива настанот прерасна во меѓународна спортска манифестација која секоја година привлекува илјадници рекреативци и професионални атлетичари од целиот свет.

Текстот (Видео) Рекордни 2.700 учесници од над 30 држави на „Охрид трчат“ е превземен од МАКФАКС.