Резултатите од ПИСА 2025 се црвен аларм за образованието, оценуваат од Алијанса за Албанците

Резултатите од ПИСА 2025 покажуваат загрижувачка реалност за образовниот систем во Северна Македонија, каде што само 26% од учениците го достигнуваат основното ниво по читање, 32% по математика и 36% по природни науки, бројки кои се далеку под просекот на ОЕЦД, оценуваат од Алијанса за Албанците.

Според оваа партија, уште позагрижувачки како што велат, е фактот што ниту еден ученик не ги достигнува највисоките нивоа по читање и природни науки, додека по математика само 1% ги достигнува овие нивоа, во споредба со просекот на ОЕЦД од 8%.

„Оправдувањето на министерката за образование и наука, Весна Јаневска, дека нејзината Влада дошла на власт само шест месеци пред тестирањето е неприфатливо. Таа раководи со Министерството за образование од 2024 година, што е доволно време за конкретни реформи. Јазот меѓу учениците со високи и ниски резултати се продлабочил токму во периодот 2022–2025 година“.

Алијанса за Албанците бара од Министерството за образование и наука итен и конкретен план за подигнување на квалитетот на наставата, особено, како што наведуваат, во училиштата со послаби резултати, целосна транспарентност за преземените мерки и сериозен пристап кон проблемите идентификувани од ПИСА.

„Во моментов, како опозициски политички субјект, сметаме дека е неопходна соработка со опозицијата, со експертите од областа на образованието и со академската заедница, со цел реформите во образованието да не зависат од политичките бои на секоја нова влада, туку да се градат врз консензус и континуитет“.

Потребни се, додаваат од оваа партија, конкретни мерки, а не ветувања за една деценија подоцна, како и еднаш засекогаш откажување од политизацијата и партизацијата на образовниот сектор – при именувањата, вработувањето на наставници, учебниците и распределбата на средствата – за одлуките да се носат врз основа на заслуги и реалните потреби на учениците.

„Образованието не прифаќа оправдувања ниту десетгодишно чекање. Секоја изгубена година во однос на квалитетот на образованието трајно ѝ нанесува штета на цела генерација ученици“.

Текстот Резултатите од ПИСА 2025 се црвен аларм за образованието, оценуваат од Алијанса за Албанците е превземен од МАКФАКС.