Регистриран втор случај на западно-нилска треска во Кочани

Кочанчанец е вториот потврден случај на западно-нилска треска истакнаа од Институтот за јавно здравје. 34 годишниот кочанчанец се заразил додека бил на патување во Тунис кон крајот на претходниот месец. По една недела од враќањето од одмор односно на 7 јули ги почуствувал симптомите како покачена температура, болка во мускулите, главоболка и колабирал. Заболениот по самата состојба веднаш бил хоспитализиран во Клиничка Болница Штип од 9 до 15 јули каде бил испишан во добра здравствена состојба.

Епидемиолозите предупредуваат дека сега е сезоната на вектор преносливи болести. Апелираат граѓаните кои престојуваат во предели каде што има болести што се пренесуваат со комарци да бидат свесни за можно заразување, доколку се појават симптоми на заболувањето да побараат лекарска помош.

„Раното дијагностицирање и навремен третман можат да спречат појава на тешка форма на болест, која може да заврши со сериозно нарушување на здравјето и тешки последици или смртен завршеток“, велат од Институтот за јавно здравје.

Поставување заштитни мрежи на вратите и прозорците, употреба на средства за заштита од убод на комарци – се само дел од мерките што граѓаните можат да ги преземат за да се заштитат од овие инсекти. Покрај Западнонилската треска, комарците се преносители на Маларија, Денга вирус.

Ова е втор случај на заболен од Западнонилска треска годинава. Првиот е регистриран во април, кај жител од Василево. И во овој случај заболениот кажал дека патувал во странство.

Западнонилската треска кај 80 проценти од луѓето поминува без симптоми, околу 20 проценти имаат покачена температура и болки во мускулите, многу малку предизвикува компликации како воспаление на мозокот.

Во земјава од 2011 до 2023 година се регистрирани 45 заболени со Западнонилска треска. Четворица завршиле со смртен исход.

Лаура Стојанова, М-Нет