
Распишан конкурсот за драмски дела за деца од НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип. Почнувајќи од денес, па и во следните шест месеца од тековната година секој заинтересиран автор, креативец, драмски писател може да испрати свое детско драмско дело со кое ќе се натпреварува за првата парична награда.
„Денес имаме убава вест за сите писатели во Македонија. Она што ни е битно на нас како институција е дека за првпат објавуваме конкурс за пишување на драмски дела за деца. Овој конкурс ќе трае до септември, а резултатите ќе бидат соопштени на 10 октомври 2022 година на фестивалот за деца и младинци „Малиот принц“. Она што е важно е дека за првпат воведуваме парична награда за првонаградениот текст. Паричната награда ќе се состои од 1000 евра во денарска противвредност и она што е важно е дека оставаме простор на сите писатели за да создадат вредни драмски дела за најмалите, што мислиме дека недостасува во нашата држава“, вели директорот на НУЦК „Ацо Шопов“, Горан Трајков.
Условот е да се аплицира со најмногу два драмски текста, но нема ограничувања кој сѐ може да учествува. Текстовите се доставуваат исклучиво по пошта и нема можност за електронско испраќање со цел да не се наруши правилото на анонимност.
Домот за култура ќе додели и дипломи на второнаградениот и третонаградениот автор, а сите најдобри три драмски текста ќе бидат препорачани на културните институции со цел тие да ги постават во рамки на своите манифестации. Истовремено, најдобриот текст ќе биде поставен на сцена, а до институциите ќе се испечатат и достават 100 примерока.
„Она што е многу важно е дека овој текст театарот од Штип ќе го постави на сцена и ќе биде одигран за најмалите“, додава Трајков.
Конкурсот е одобрен проект од Министерството за култура, односно е проект од национален интерес.
Ребека Спасова М-Нет