Ракометарките на Овче Поле против Деспина на домашен терен ќе бараат враќање на победите, Стружанка против „фенерџијата“ Шампион!

Утре со два натпревари и во четврток со еден меч ќе бидат одиграно вонредното 12. коло на плеј-аутот на женската ракометна Суперлига. Во рамки на оваа рунда слободна ќе биде екипата на Спартак, која е на врвот од табелата со 18 бодови.

Утре во спортската сала „Цар Самоил“ во Свети Николе ракометарките на Овче Поле СУ ќе се соочат со Деспина, во меч каде и двете екипи ќе бараат излез од резултатската криза и враќање на победите.

Овче Поле на последните пет меча има две победи и три последователни порази ,а пак Деспина според формата од последните пет натпервари има победа, пораз, победа и два порази во низа. Натпреварот во Свети Николе ќе започне во 20 часот.

Утре, во Струга во спортската сала „Тими“ Стружанка ќе бара четврта победа во плеј-аутот против „фенерџијата“ Шампион. Домашниот тим ќе биде фаворит, против Шампион кој во Струга ќе допатува по прв позитивен резултат во плеј-аутот, бидејќи има девет порази од девет порази и се наоѓа на дното без бодови.

Натпреварот во Струга ќе започне во 19:30 часот.

Колото ќе се затвори во четврток со натпревар кој ќе се одигра во Битола, меѓу Пелистер и Ѓорче Петров 2. Битолскиот тим е на второто место со 15 бодови, а пак „лавиците“ имаат 12 бодови и се наоѓаат на четвртото место.

Натпреварот ќе започне во 19 часот.

Во однос на табелата во плеј-аутот на женската ракометна Суперлига, Спартак е прв со 18 бодови, Пелистер е втор со 15 бодови, екипата на Деспина е на третата позиција со 13 бодови, а пак Ѓорче Петров 2 се наоѓа на четвртото место со 12 бодови.

Тимот на Овче Поле од Свети Николе има 10 бодови и се наоѓа на петтото место, Стружанка е шеста односно претпоследна со седум бодови, а на дното без бодови е Шампион.

Александар Ванев, М-Нет