Основното јавно обвинителство Кавадарци поведе постапка против раководителка на филијала на штедилница во градот, осомничена дека подолг период ги злоупотребувала паричните средства на граѓаните кои имале депозити во установата.
Според Обвинителството, постои основано сомнение дека осомничената реализирала фиктивни кредити на име на оштетени граѓани и неправилно ги евидентирала нивните депозити, со што прибавувала противправна имотна корист.
Против неа се води постапка поради сомневања за злоупотреба на службената положба и овластување, оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем, како и проневера во службата.
За обезбедување докази, вчера, по барање на јавниот обвинител, биле извршени повеќе претреси со судска наредба. Притоа биле одземени документација и други предмети поврзани со случајот.
Откако биле откриени сомнителните дејствија, штедилницата ѝ го прекинала работниот однос на осомничената.
Поради опасност од бегство, јавниот обвинител предложил определување мерки на претпазливост, меѓу кои одземање на патната исправа и обврска за редовно јавување во судот.
Од Обвинителството информираат дека продолжуваат со преземање дејствија за целосно испитување на случајот.
Текстот Раководителка на штедилница осомничена дека земала пари од депозити и одобрувала фиктивни кредити е превземен од МАКФАКС.