
Половина од девојчињата и третина од момчињата се соочуваат со психосоматски симптоми, покажуваат истражувањата на Невладината „ХЕРА“. Според истите истражувања, бројот на малолетнички раѓања е речиси трипати поголем отколку во земјите на Европската Унија, а младите порано стапуваат во прв сексуален однос во споредба со нивните врсници од западноевропските земји. Панел-дискусијата која денеска се одржа во Општина Штип е со цел да отвори дијалог за подобрување на менталното здравје, како и сексуалното и репродуктивното здравје.
„Дури 52% од младите луѓе, пред сѐ младите девојчиња, и 29% од машките се соочуваат со психосоматски симптоми и тоа секојдневно, на неделна основа, повеќекратно, што значи дека тоа е огромна млада популација којашто има и те како сериозна потреба од едукација и запознавање со овие содржини. Истражувањата покажуваат и дека 50% од учениците на 15-годишна возраст во паралелките со албански наставен јазик и околу 25% од учениците во паралелките со македонски наставен јазик ги прифаќаат традиционалните родови стереотипи како, на пример, дека мажот треба да биде авторитетот во куќата, а жената да биде само добра сопруга и домаќинка наместо напредувањето во кариерата“, вели Румена Гердовска-Којчевски, претседателка на ХЕРА.
Младите на возраст од 15 до 18 години секојдневно се соочуваат и со различни видови насилства. Токму поради тој факт, фокусот е и на превенција и заштита од насилство кај младите. Психологот Гордана Блажевска-Спиридонова вели дека овде особено важна е поддршката со цел младите погласно да зборуваат за насилството кое се врши врз нив.
„Повторно да им се даде сериозна поддршка да имаат правилен пристап кон менталното здравје и потешкотиите со менталното здравје, правилно да го разбираат менталното здравје, да разберат дека повлекувањето во себе не е единствен одговор, туку барање начини да се одговори за своето здравје, така што активно ќе се побуниш, активно ќе се соочиш, ќе се негуваат други вредности, како што се сочувствителноста, емпатија, поддршка, препознавање на потребите кај врсниците отколку да биде само грижа, свртеност кон себе и неодговарање на потребите на останатите“, додава Гордана Блажевска-Спиридонова, психолог во Гимназијата „Никола Карев“ – Скопје.
Темата на денешната панел-дискусија беше „Колку се важни образовните програми за благосостојбата и менталното здравје на младите?“, се одржа во организација на ХЕРА и Бирото за развој на образованието, а присуствуваше и заменик-амбасадорот на Франција.
Ребека Спасова М-Нет