Профит нема ниту на „малиот пазар“ во Штип, продавачите велат – цените се сѐ пониски

Освен на зелениот пазар, во петок раздвиженост има и на пазарот за текстил, меѓу штипјани познат како „малиот пазар“. Како што велат купувачите кои често го посетуваат, таму може да се најде речиси сѐ, од прибор за јадење, облека, постелнина, па до накит и чевли. Според продавачите, продажбата и не оди така добро. За штипјани цените се високи, но за нив и со тие тешко се остварува профит. Дел од тезгите под отворено небо, дел покриени, сепак временската состојба често е пречка да се продава. Цените, пак, велат, и пониски се од продавниците, но тоа купувачите не ги привлекува.

За дел од анкетираните штипјани, пак, меѓу цените во продавниците и на тезгите нема разлика. Друг дел, пак, често доаѓаат тука токму поради пониските цени.

И овој петок за продавачите на текстил, обувки и непрехрамбени производи, како козметика и накит дома си заминаа со речиси ист профит. Промена од недела во недела речиси и да нема, а цените, велат, сѐ повеќе ги спуштаат. Во овој дел од градот раздвиженост имаше, но не сите беа дојдени за да купат нешто, имаше и такви кои само беа излезени на прошетка.

Ребека Спасова М-Нет