
Ако противпожарно возило или возило на друга итна служба треба да помине во четврток низ улицата „Гоце Делчев“ во Кочани, за тоа ќе му бидат потребни барем десетина минути. Ова го покажа денешната координарна акција во градот со која требаше да се стави некаков ред на Градскиот пазар. Противпожарно возило со ротација утрово помина по улицата со цел да се направи простор помеѓу тезгите за минување на возила на службите за итни интервенции. Меѓутоа, поминувањето беше отежнато, бидејќи возилото мораше да чека да се поместува секоја тезга кон тротоарите.
Минатата недела некои од граѓаните на оваа улица реагираа дека просторот е целосно узурпиран од продавачите на стока и дека нема простор за разминување на луѓе, а не, пак, на возила. Од таа причина денеска се спроведе координираната акција за воспоставување ред. Полицијата и комуналните инспектори ги предупредуваа продавачите на стока дека е потребно тезгите да се поставуват на растојание и на тротоарот со цел доколку се случи потреба од интервенција, улицата да може непречено да се користи.
Проблемот со локацијата и функционирањето на Градскиот пазар во Кочани е актуелен долго време. Иако имаше неколку иницијативи за дислокација и изнаоѓање трајно решение, реализација сѐ уште нема.
Ребека Спасова М-Нет