
Промовирани девет нови доктори на науки на 25. Митровденски средби, кои се одржаа во НУУБ „Гоце Делчев“ – Штип. Настанот се организира по повод Денот на ослободувањето на градот, а најголем дел од новопромовираните доктори се од областа на медицинските науки. Меѓу новопромовираните се д-р Љубица Прошева Пеливанова, д-р Дијана Мицева, д-р Гоце Коцевски, д-р Паулина Апостолова, д-р Љупка Арсовски, д-р Ана Панева, д-р Дино Карпичаров, д-р Васко Демјански и д-р Ана Марија Тасева Василева. Градочалникот на Општина Штип потенцираше дека ваквите научни достигнувања се потврда за Штип како центар на образованието, истакнувајќи дека ретко кој град може да се пофали со толкав број доктори на науки и вакви академски успеси.
,,Симболичен е денот 8 ноември, денот на ослободување на градот Штип, има голема симболика со промоцијат на докторите на науки на овој ден, во пресрет на овогодинешниот 8 ноември, затоа што ако во борбата на нашите предци била за слобода, днеешната борба е борба преку образованието да создадеме една подобра иднина на нашите генерации, поразвиен град, општество, држава. Јас верувам дека ова е начинот преку којшто ќе можеме да го олесниме начинот на живот и да го подобриме квалитетот на живот на денешните и на идните генерации. И затоа кога честопати велиме дека Штип е центар на образованието, мислеме на ова, ретко кој град може да се пофали со ваков број и со вакви достигнувања“, вели Јорданов
За д-р Васко Демјански, доктор на медицински науки при клиничка медицина, овој докторат е признание за изминатие труд и идна мотивација за нови истражувачки подвизи, воедно и прво истражување во Македонија од ваков тип.
,,Докторатот е еден вид круна на сиот овој академски пат што сме го поминале до сега и покажува едно признание за нашиот труд, меѓутоа и мотивација за понатамошни нови истражувачки подвизи. Докторатот се однесува на споредба на влијанието на кусите и долгите анестезии. Ова е да речем прво истражување во република, податоците ни се донекаде поклопуваат со светските рамки, а тоа е дека комулативните ефекти на анестезијата во овој случај си имаат свои ефекти“, вели Демјански
Д-р Љупка Арсовски, доктор по стоматолошки науки се надева на уште поголеми успеси и заеднички достигнувања.
,,Ова значи едно од најголемите животни достигнувања и сум многу благодарна за ова признание кое денес го добивам, посебно на овој ден, којшто е ден на нашиот град. Се надевам дека ова ќе биде поттик за сите следни научни трудови уште поголеми успеси и заеднички достигнувања“ кажа Арсовски
Настанот се одржува во пресрет на 8 Ноември – Денот на ослободувањето на Штип, датум кој симболично се поврзува со борбата за подобра иднина, денес преку образованието, науката и знаењето.
Ева Тушевска, М-Нет