Промовирани 12 првенци на генерација од основните и средни училишта во Штип

Промовирани 12 првенци на генерацијата од основните и средни училишта во Штип. Денеска се одбележа знаењето, успехот кој го покажале учениците, а како што истакна градоначалникот, Иван Јорданов, се вреднува нивниот труд мотивирајќи ги учениците да продолжат со успеси и во иднина.

„Трета година по ред Општина Штип преку одделението за образование го организира овој настан со кој го потврдуваме успехот, знаењето кое го имаат нашите ученици од основните и средни училишта“ – вели Јорданов.

Оваа година се воведени и новини. За првпат годинава има повеќе првенци на генерација споредбено со претходните години, а зголемена е и сумата на вредносниот ваучер кој го добиваат учениците.

„Имаме одредени новини. Оваа година наместо девет првенци на генерација имаме 12. Од основните училишта се седум и пет од средните училишта. Исто така средствата одвоени од општината од 5000 се зголемени на 10 илјади денари“ – вели Николова.

Ова за учениците од средните и основните училишта има големо значење, бидејќи пред сѐ им дава поттик за да продолжат со своите достигнувања и во иднина, со што би се промовирале себе си, но и Штип и Македонија.

„Секоја награда, секое признание си е посебно за себе. Да бидеш најдобар во генерација е навистина голем успех и им благодарам на сите“ – велат учениците.

Првенците на генерација од основните и средни училишта во Штип во текот на образованието покажале значајни резултати и достигнувања, како и успех на државни и меѓународни натпревари.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет