Промовирана книгата „Биди господар на мигрената“ од авторката Блага Моравец

На границата помеѓу книжевното и научното, а спој помеѓу народното исцелување и научниот лек. Вака рецензентката и промоторка, доц. д-р Весна Кожинкова, објаснува за новото книжевно парче „Биди господар на мигрената“ од авторката Блага Ѓерасимова Моравец, кое вчера беше промовирано во штипската Библиотека.

„Читателската публика во општина Штип и многу подалеку има прилика денеска да се запознае со еден многу редок текст со наслов „Биди господар на мигрената“, во кој авторката Блага Моравец успеала на еден многу сугестивен начин да ја пренесе своето искуство поврзано со мигрената како личен проблем во нејзиниот живот. Меѓутоа, она што е интересно и специфично е тоа што ние пред нас имаме еден текст којшто, можеби, жанровски е нестабилен, можеби, варира помеѓу определени жанрови, но успеал да го поврзе научното верување во поглед на исцелување на болестите со она што се вика научно достигнување. Во спој со тие две работи таа успеала да најде сопствен начин како да се справи со една таква состојба, да не ја наречеме болест“, истакна Кожинкова.

Книгата ја заинтригира читателската публика, а ова го покажува и посетеноста на вчерашната промоција. За дополнително збогатување на програмата се погрижи и Градскиот хор – 2019 во Штип.

Авторката и рецензентката топло ја препорачуваат книгата, земајќи го предвид фактот дека може да биде од полза на секој читател. Книгата „Биди господар на мигрената“ претставува длабока лична исповед на еден паталец, којшто нашол специфичен и, само за неа, својствен начин да се справи со состојбата.

Ребека Спасова М-Нет