
Променет директорот на уште едно средно училиште во Штип. По штипската Гимназија, сега и штипското текстилно училиште има нов вршител на должноста директор. Марина Варадиновска ќе раководи со оваа институција наместо досегашната директорка Катица Костова. Според градоначалникот, Иван Јорданов, новата директорка е поставена откако претходната доставила барање за повлекување од оваа функција.
„Токму така, во средното текстилно училиште има поставено нов в.д. директор којшто во наредниот период ќе има можност да се докажува и да работи во интерес на училиштето. Согласно со тоа како ќе произлегуваат потребите за назначување на нови директори во училиштата, така и ние ќе постапуваме. Во конкретниот случај, досегашниот директор поднесе барање до Општина Штип за повлекување од функцијата, така што моравме да интервенираме и да поставиме нов вршител на должност. Се надевам дека максимално и транспарентно ќе работи во интерес и на училиштето и на Општина Штип. Станува збор за внатрешно решение, таа со години работи во оваа институција. Станува збор за професор од ова училиште, Марина Варадиновска, за којашто се надевам дека ќе ја извршува должноста според потребите и барањата“, истакна Јорданов.
Варадиновска е долгогодишен професор во СОУ „Димитар Мирасчиев“, каде предава стручен предмет. Досегашната директорка, Катица Костова, пак, на оваа функција беше од март 2021 година. Претходно, штипската гимназија за в.д. директор ја доби Весна Ристова, наместо Тамер Јамаковски, во чие работење Државниот просветен инспекторат пронајде неправилности.
Ребека Спасова М-Нет