Продолжен неработен викенд и за вакциналниот пункт во Штип. Досега вакцинирани над 16 илјади граѓани

Продолжен и не работен викенд следува и за вакциналниот пункт „Јордан Мијалков“ во Штип. Вакцини се аплицираат денеска, а со работа истиот ќе продолжи во вторник по државниот празник „Св. Кирил и Методиј“. Координаторот за вакцинација, д-р. Дијана Миланова Коцева информираше дека во меѓувреме вакцинацијата се одвива во најдобар ред, а досега над 16 илјади граѓани примиле прва доза вакцина.

„Денес на „Мој термин“ е доста спуштена границата имаме пациенти над 40 години кои се закажани и кај нив интересот е поголем. Вкупно денеска имаме закажано околу 1000 термини и пунктот за вакцинација ќе работи до 16 часот. Со вчерашната бројка надминуваме веќе 16 илјади вакцинирани лица“ – кажа Коцева.

Старосната граница е спуштена, но и од наредната недела останува правилото дека ќе се вакцинираат граѓани кои имаат закажано термин за вакцинација.

Во претходните денови заврши и ревакцинација во здравствениот дом „Панче Караѓозов“ со вакцини од производителот “Фајзер“. Ревакцинација во салата Јордан Мијалков ќе започне во вторник.

Министерот за здравство Венко Филипче на својот фејсбук профил истакна дека Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Вкупно се аплицирани 244.518 дози вакцини, а ревакцинирани се 38.505 граѓани. Бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 390.330 граѓани. Со последните бројки 44,7 % од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина. Со последните бројки 37 % од населението над 65 години имаат примено барем една доза вакцина.

Лаура Стојанова М-Нет