
На 95та Владина седница која се одржа утринава воведена е кризна состојба на територијата на цела држава во рок од 30 дена заради зголемената појава на пожари и спречување од нивно ширење.
Одлуката е на предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, чии членови на седницата која се одржа на 4.8.2021 година во попладневните часови го прифатија предлогот на Групата за процена за утврдување на постоење на кризна состојба на територијата на Република Северна Македонија заради зголемена појава на пожари.
Заради операционализирање на Одлуката, Владата донесе заклучоци:
– На Претседателот на државата да му предложи да одлучи за учество на дел од припадниците на Армијата на Република Северна Македонија во справување со кризната состојба,
– Главниот штаб при Центарот за управување со кризи (ЦУК), веднаш да започне подготовка на акциски план за превенција и справување со пожарите, како и целосен преглед на расположливи човечки и материјално-технички ресурси и план за координирано дејствување,
– Министерството за внатрешни работи, Армијата на Република Северна Македонија, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување и Министерството за здравство со сите останати засегнати државни институции, како и единиците на локалната самоуправа во Република Северна Македонија да ги стават на располагање сите расположливи капацитети и ресурси кои можат да се стават во функција за справување со кризната состојба,
– Владата го задолжи Главниот штаб при ЦУК да определи лице за односи со јавност, кое на дневна основа ќе ја известува јавноста во врска со превенцијата и справувањето со пожари на територијата на Република Северна Македонија.
Пред два дена кога гореше Кочани директорот на ЦУК Стојанче Англеов истакна дека сè уште нема потреба од кризна состојба, но сега ситуацијата е променета.
Лаура Стојанова МНет