Пробиштип следната година ќе се развива со 427 милиони денари, утврден општинскиот Буџет

Општина Пробиштип во следната година ќе се развива со речиси 427 милиони денари, Буџет кој денеска го усвоија советниците од општинскиот Совет. Највисок е буџетот на дотации, кој изнесува речиси 210.000.000 денари. Во сумата не се вклучени и 20.000.000 денари коишто се од државниот буџет, а кои се наменети за реконструкцијата на неколку улици во општина Пробиштип.

„Основен општински буџет е 198.350.200, буџет на дотации е 209.785.270, буџет на самофинансирање е 16.390.000, буџет на донации е 2.198.089. Во основниот општински буџет имаме законска рамка по која Општината мора да се движи, а имаме плус 20.000.000 денари, средства кои се по основ на донација од Централниот буџет на Републиката“, истакна Сузана Јанева, раководител во Одделение за финансиски прашања.

Градоначалникот на Пробиштип, Драган Анастасов, посочи дека Буџетот во следната година ќе биде многу поголем од она што е на хартија. Го оценува како развоен, кој ги опфаќа сите сугестии во делот на инфраструктурата, сообраќајот, социјалната заштита и можностита за спортисти.

„Нашиот Буџет за 2024 ќе биде многу поголем од она коешто го имаме на хартија. Јас сум рекол дека од година во година ќе расте Буџетот на Општина Пробиштип, со тоа драстично ќе се подобруваат условите на граѓаните. Влегуваме во група на ретки општини со што треба да се гордееме, се одвојуваат толку средства за дечињата, за родителите, сите граѓани, не е мала работа тоа. Се подготвуваат многу апликации и проекти во периодот, дел се потпишани договори за реализација коишто ги нема во Буџетот ставени, тука акцент е ставен на руралниот дел и на Злетово коешто предмалку го споменав“, рече Анастасов.

Анастасов додаде дека Буџетот има голем процент на капитални проекции, поради што се надева дека во голема мера ќе биде реализиран. Тој посочи дека Буџетот на Општината е од година во година сѐ поголем, а тоа овозможува значителен развој на територија на цела општина.

Ребека Спасова М-Нет