
Стрништата на нивите, отпадоци и диви депонии да не се палат, апелираат од Центарот за управување со кризи. Оттаму посочуваат дека тоа дополнително придонесува за загадувањето на воздухот во речиси сите градови, но особено во Скопје кој и онака е со загаден воздух. Потсетуваат дека е законски забрането, но и понатаму е причина што иако е мал бројот, пожарите на отворен простор сѐ уште ги има.
„Во последното деноноќие пожарникарите од Штип и од Велес интервенирале на запалена ниска вегетација во штипско и велешко. Пожарникарите од Скопје интервенирале на запалено ѓубриште на површина од 50 квадратни метри во село Бардовци, општина Карпош. Апелираме да не се палат стрништа на нивите, да не се палат отпадоци и диви депонии во овој период од годината кога има загаден воздух во Скопје и во други градови.“ – велат од ЦУК.
Преку единствениот број за итни случаи 112 во последното деноноќие, според Извештајот на Центарот за управување со кризи, примени биле 1.876 повици. Од нив, реални повици биле 39,82 отсто, а 60,18 отсто други, именувани како неитни повици.
Вкупно 58,55 отсто од повиците биле упатени кон полицијата, 35,64% кон итната медицинска помош, кон пожарникарите 2,55%, а кон АМСМ 0,36% од повиците од 112.
Ребека Спасова М-Нет