Пробиштип доби нов објект во рамки на детската градинка за згрижување нови 74 дечиња

Пробиштип доби нов објект во рамки на детската градинка „Гоце Делчев“. Свечено го отворија премиерот Ковачевски, министерката Тренчевска и градоначалникот Анастасов. Објектот „Срничка“, изграден пред педесетина години, за првпат добива реконструкција и проширување, а со тоа се елиминираат долгите листи на чекање.

За нецели шест години досега низ државата се отворени 81 објект за предучилишно воспитување и образование со опфат од над 5400 деца и 12 центри за ран детски развој, коишто имаат опфат од 400 деца. Тоа е влез на нови над 5800 деца во предучилишниот процес. Новите градинки се градат по светски стандарди, меѓутоа овозможуваат и нови вработувања“, вели Ковачевски.

Проширувањето на објектот ќе овозможи простор за нови 74 дечиња во детската градинка, како и вработување на нови 25 лица за потребите на објектот.

„Значењето на овој објект, оваа доградба на градинката „Гоце Делчев“ е, навистина, големо и таа ќе овозможи уште 74 дечиња до шестгодишна возраст преку игра да зачекорат во воспитно-образовниот процес и да се стекнат со своите први знаења и вештини“, истакна Тренчевска.

Неодамна во Пробиштип беше пуштен и во употреба и објектот „Детелинка“, кој е еден од четирите објекти на градинката, вклучувајќи го и проширениот објект „Срничка“. Другите два објекта, „Цветови“ во Пробиштип и „Изворче“ во Злетово, се изградени во 1982, односно 1984 година.

„Ретко кој градоначалник имал можност за само четири години да пуштаме во употреба втор објект. На 5 јуни 2019 година се пушти објектот во населба Калниште, еве нѐ денеска овде на овој, навистина, преубав објект“, вели Анастасов.

„Во 2019 година успешно се реализираше проектот за преадаптација на две занимални во населба Калниште, а тоа е објектот Детелинка. За сите дечиња со огромна љубов и внимание се грижат и ги воспитуваат сите вработени“, вели Љупка Јаневска, директорка на градинката „Гоце Делчев“.

Новиот објект е вреден половина милион евра, а е дел од проектот за вкупно десет детски градинки, вреден 13 милиони евра, пари обезбедени преку Светска банка.

Ребека Спасова М-Нет