
Остануваат уште две кола од регуларниот дел на ракометната Суперлига на Македонија, а потоа ќе започне плеј-оф и плеј-аут сегментот каде ќе се води голема борба за титула и излез во Европа, но ќе има голема борба и за опстанок во Суперлигата.
Три екипи рамноправно ќе водат борба, вака не било одамна во ракометната елита на Македонија. На две кола до крајот Еурофарм Пелистер, Алкалоид и Вардар имаат по 36 бодови.
Како што е познато првиот пренесува три бодови во плеј-оф сегментот, вториот и третиот по два бодови, четвртиот и петтиот по еден бод, а шесттиот кој ќе биде последниот патник во плеј-офот не пренесува бодови.
Официјално во плеј-офот ќе играат Еурофарм Пелистер, Алкалоид, Вардар, Охрид, Бутел Скопје и Тиквеш. Битката меѓу водечките три екипи ќе биде која да биде прва, втора односно трета при пренесувањето на бодовите. Охрид е сигурен на четвртото место и со тоа ќе пренесе еден бод, а пак неизвесно ќе биде меѓу Бутел и Тиквеш кој ќе биде петти за да го има тој бод.
Во плеј-аут сегментот ќе се натпреваруваат екипите на Прилеп, Пролет, Куманово, Борец Ф.Л., Струга и Радовиш. И во плеј-аутот пренесувањето на бодови е по истата шема како и за плеј-офот.
Седмопласираната екипа ќе пренесе три бодови, по два ќе пренесат осмиот и деветтиот на табелата во регуларниот дел. Десеттиот и единаесетиот по еден бод, а последниот нема да пренесе бодови.
На две кола до крајот може да има промени на табелата меѓу Борец, Струга и Радовиш за долниот дел од табелата, како и меѓу Прилеп и Пролет кој да биде седми и да пренесе три бодови.
Александар Ванев, М-Нет