
Претставата „Лекција“ на штипскиот Народен театар утревечер ќе биде одиграна на сцената на Белградскиот интернационален театарски фестивал, во рамки на Месецот на независна сцена. Актерот на Народен театар – Штип, Милорад Ангелов, вели дека претставата веќе има голем успех и привлекува внимание на штипската сцена и има голем интерес од штипската публика.
„Таа е на репертоарот на Штипскиот театар, веќе имаше неколку фестивали. Она што е најново за оваа претстава е тоа што истата е избрана да гостува на сцената на БИТЕФ во Белград во Месецот на независна сцена, што значи дека тоа е многу голем успех за Штипскиот театар и за претставата, затоа што знаеме дека БИТЕФ е еден од најголемите театарски настани коишто се случуваат во Југоисточна Европа“, вели Ангелов.
Народниот театар во Штип има конкурирано на повеќе театарски фестивали со оваа претстава, а еден од нив е во Романија. Ангелов ја покани публиката во Белград да дојде и да ја погледне претставата „Лекција“, која ќе се одигра утревечер со почеток во 20:00 часот.
„Ова е голем успех за претставата, голем успех за Штипскиот театар, се надевам дека овде нема да престане соработката и дека оваа претстава и понатаму ќе има свој живот. Веќе конкуриравме на неколку фестивали, еден од позначајните фестивали е фестивалот на УНЕСКО Театар во Романија“, додава Ангелов.
Претставата „Лекција“ е во режија на Ѓорѓи Ризевски, по текст на Ежен Јонеско, а преводот е на Калиопа Петрушевска. Во неа улогите ги играат Ефтим Трајчов Ѓаурски, Димитрина Мицкоска и Милорад Ангелов. Кореограф на претставата е Бојан Мицев, музиката е на Антонио Ристески, а фотографиите на Александар Врзалски.
Ребека Спасова М-Нет