
Патувачкото богатство низ земјата претставено преку патувањето на Куферко. Вака може да се опише содржински книгата „Куферко светскиот патник од Македонија“ од авторката Симона Ристевска. Истата е збирка на 39 интервјуа на истакнати македонци во дијаспората, преточени во детски раскази како патувачки водич за најмалите.
„Се работи за промотивна детска книга која можеме да ја наречеме детски туристички водич кој се занимава со промоција на македонските убавини, културата, традицијата и јазикот. Наменета е за деца од четврто до деветто одделение со цел да им се доблежат убавините од нивната татковина, како и на дечињата во Македонија, така и на сите оние дечиња кои се во дијаспората и кои, можеби, помалку знаат за својата татковина“, истакна Ристевска.
Ваквиот туристички водич има за цел на публиката од најмала возраст да ѝ претстави ново доживување преку имагинарно патување низ македонските убавини. Секој град поединечно е претставен со своите специфични особености и карактеристични знаменитости.
Промоцијата во Штип не е прва промоција на книгата, ниту, пак, ќе биде последна. По концепт како драма за деца книгата има и своја адаптација за игра на сцена. Во НУ-ЦК „Ацо Шопов“ ќе се се игра во недела од 13 часот.
„Мораме да кажеме дека покрај оваа книга ние направивме и театарска детска претстава по истоимената книга со цел да ја доближиме многу подобро оваа книга“, додаде авторката.
Инаку, Симона Ристевска е авторка со поголем пишувачки опус, магистер на политички науки, поранешен новинар и телевизиски презентер со тренинг и обуки за јавно говорење на средношколци и студенти.
Ребека Спасова МНет