
Информативен материјал за опасноста од користење на пиротехнички средства, денес беше поделен од страна на СВР Штип помеѓу основците од и средношколците од ООУ „Ванчо Прќе“ и СОУ „Славчо Стојменски“ во Штип.
Активноста на полицијата е од превентивно значење, која има за цел да ја разбуди свеста кај децата, за штетноста на користењето пиротехнички средства. Ваквата спроведена активност е со цел да се запознаат учениците и децата за штетноста од користењето на пиротехнички средства, како и последиците кои ги предизвикува користењето на истите. Воедно се потсетуваат граѓаните дека користењето и прометот на пиротехнички средства е забрането и претставува прекршок и дело казниво со закон, за кое глобите се движат од 200 до 500 евра, изјави портпалот на СВР Штип, Гордана Панајотова.
„Секторот за Внатрешни Работи – Штип во пресрет на празниците, ги потсетува граѓаните дека неовластената употреба на пиротехнички средства е казнива согласно член 31 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, со кој е предвидена глоба од 200 до 500 евра, во денарска противредност, и согласно член 396 ст.1 и 2 од Кривичниот Законик. СВР Штип, упатува апел до сите граѓани, а посебно до учениците од основните и средни училишта, да не употребуваат и да бидат подалеку од ваквите опасни играчки кои може да предизвикаат сериозни последици по нивното здравје.“- Гордана Панајотова.
Учениците велат дека нивото на свесност, за штетноста на пиротехничките средства е високо.
Тие се свесни дека користењето на пиротехнички материјали е опасно по здравјето како на луѓето така и на животните. И затоа како што велат не користат вакви материјали.
Исто така од СВР Штип информираат дека во наредниот период ќе следат засилени контролни активности за сузбивање на продажбата на пиротехнички средства, дополнително апелираат до граѓаните да ги пријават сите сознанија до кои ќе дојдат, доколку забележат случај на продажба или користење на пиротехнички средства.
Лаура Стојанова М-Нет