Презентирана македонската култура и традиција во Бугарија преку невладината Јунајтед Јут од Кочани

Невладината организација United Youth од Кочани беше дел од младинска размена во Република Бугарија. На истата беа присутни млади од повеќе земји и сите имаа можност да ги презентираат своите култури. Целта на младинската размена беше промоција на рурални млади и анализа на проблемите во руралните средини.

„Имавме можност да учествуваме во културни посети во Софија и во Пловдив, каде што се запознавме со културата на Бугарија и ја промовиравме и културата на Македонија. Во текот на проектот учествуваа млади од Египет, Романија, Литванија, Бугарија, Македонија и Грција. Тие имаа можност седум дена заедно да анализираат проблеми, но и да наоѓаат решенија за промоција на младите од руралните средини“, рече Костадин Рунчев, Претседател на невладината организација.

Во текот на проектов невладината организација организирала и културни вечери. На нив била промовирана нашата култура преку храна, музика, народни танци и обичаи. Освен ваквите активности, учесниците имале и можност за практична примена на разменетите и стекнати знаења.

„Во текот на овој проект имавме можност да се запознаеме и со практични посети на четири рурални средини во кои што имавме можност да видиме како младите работат, како се едуцираат, но и да добиеме нови инспирации и решенија за да ги имплементираме тие можности во пракса и во иднина“, додаде Рунчев.

Инаку, имајќи го предвид политичкиот спор со Бугарија, од United Youth велат дека немале некои особени проблеми. Организаторите ги прифатиле професионално, но меѓу граѓаните се чувствувала некоја политичка нетрпеливост. Велат дека граѓаните биле неинформирани за нашата земја и нејзината култура, па имале искривена слика за нас како народ.

„Од страна на организаторот бевме професионално прифатени. Немавме ниту проблем со името од страна на учесниците. Но во средината во којашто бевме, дефинитивно, граѓаните не се информирани за нашата традиција и за Македонија. Тие имаат многу големи дезинформации за нашето име, традиција, култура итн. Имавме мали несогласувања околу тоа дали сме Бугари или не, дали зборуваме ист јазик или не“, рече Рунчев.

Оваа невладина организација од Кочани продолжува и понатаму со реализирање на проекти. Во месец август ќе патуваат за Грузија, во септември во Португалија, а за октомври е закажан Кипар.

Лаура Стојанова МНет