Првиот селектор на македонската репрезентација, Андон Дончевски го посети прволигашот Тиквеш

Првиот селектор на македонската фудбалска репрезентација, Андон Дончевски го посети кавадаречкиот прволигаш и им посака успех на играчите и стручниот штаб во понатамошниот дел од натпреварувачката сезона.

Од страна на претседателот на Тиквеш, Миле Масларков, Дончевски доби персонализиран дрес од Тиквеш.

87-годишниот Дончевски е роден во Кавадарци, тој е првиот селектор на репрезентацијата на Македонија во период од јули 1993 до декември 1995 година. Тој бил на чело на репрезентацијата на 17 натпревари, која под негово водство оствариле пет победи, пет нерешени игир и седум порази.

Неговиот прв натпревар како селектор била победата против Словенија во Крањ со 4:1, а репрезентацијата ја напуштил по поразот од Шпанија со 3:0.

Дончевски, исто така, беше и тренер на Тиквеш од 1993 до 1994 година.

Што се однесува до неговата играчка кариера, Дончевски поголемиот дел од својата кариера го поминал во Вардар. За време на својата активна фудбалска кариера тој го носел и националниот дрес на репрезентацијата на Југославија, додека со Вардар во 1961 година го совоил Титовиот Куп на поранешна Југославија.

За Вардар, Дончевски постигнал 217 погодоци, што претставува клупски рекоред. Врвот на својата тренерска слава го доживеал токму како тренер на Вардар со кого во сезоната 1986/87 ја освоил шампионската титула во првата лига на СФРЈ.

Своето прво меѓународно тренерско искуство Андон Дончевски го имал во тимот на „Престон Лајонс“, клуб на македонската емиграција во Австралија со кого што се натпреварувал во Премиер лигата на сојузната држава Викторија.