
Повеќе од пет децении штипјанецот Славко Апостолов живее и работи во Германија. Заминал сам, а потоа таму заминала и неговата сопруга. Сега во Германија се и неговите деца и внуци. Пред камерите на М-Нет телевизија вели дека имало голем број македонци, па потребна била и македонска црква. Прво биле под германските цркви, но потоа добиле дозвола за градба и почнала изградбата на македонска православна црква. Секоја недела се собирале на богослужба за денеска да имаат црква која се посетува од сите македонци во Германија.
„После договоривме се да правеме македонска православна црква. Прво бевме под германските цркви, се додека не купивме своја црква, а потоа добивме дозвола да градиме нова црква. Секоја недела се собираме таму, има богослужба благодарение на отец Душко од Зрновци.“ – вели Апостолов.
Црквата се градела речиси шест години, со многу работа, посветеност и труд и тоа е првата македонска православна црква во Германија. Денеска е посетена од голем број верници, има и млади вели Апосотолов, особено за големите празници како Велигден и Божиќ.
„Пет, шест години беа потребни за да се играде црквата, ама тоа е права македонска православна црква. Внатре со цртани икони, со се. Ние сме задоволни, доаѓаат од Македонија, има млади“ – додава Апосотолов.
Македонците во Германија имаат свој клуб, го негуваат македонскиот фолклор и македонската традиција.
Лаура Стојанова, М-Нет