Почнува втора фаза на теренската вакцинација, утре – посета на плачковичките села

Повторно почнува да се спроведува теренската вакцинација во штипските и кочанските села. Медицинските лица претходно информираа дека повеќето од тамошните жители се вакцинирани. Меѓутоа, сега повторно ќе ги посетуваат во случај од невакцинираните да има некој што е заинтересиран да прими прва доза. Координаторката Коцева – Миланова, информираше дека сега со нив ќе понесат и „Фајзер“ вакцини за разлика од претходниот пат кога такви залихи немаа. Во текот на утрешниот ден ќе бидат посетени плачковичките села. Директорот на кочанската болница, Александар Серафимов, пак, истакна дека теренската вакцинација во Кочани и двете соседни општини: Чешиново – Облешево и Зрновци ќе продолжи и со ревакцина, а можност за прва доза ќе имаат сите граѓани кои досега не се вакцинирале. Исто така, тој апелираше до граѓаните да ја искористат приликата и да се вакцинираат со што ќе се заштитат себеси, а дополнително ќе придонесат за зголемен колективен имунитет.

Во меѓувреме, продолжува и вакцинацијата на вакциналните пунктови во овие две општини. Вкупниот број на вакцинирани во текот на денешниот ден е 302. Од нив, 200 лица се во Кочани, а 102 во Штип.

На вакциналниот пункт во Кочани за прва доза дошле 50 лица, а од нив 40 биле вакцинирани со „Фајзер“ и 10 со „АстраЗенека“. Во закажаните термини за ревакцина, пак, дошле 150 лица, меѓу кои има вакцинирани со сите три вида достапни вакцини, информира координаторот за вакцинација во Кочани, Иле Постолов.

Во Штип, пак, за еден ден биле вакцинирани 102 лица, сметајќи ги и оние кои примиле прва доза и оние кои дошле за ревакцина, информираше координаторката за вакцинација, Дијана Коцева – Миланова .

Вакциналните пунктови овде работат само прва смена, а најавената теренска вакцинација ќе трае 7 дена.

Според информации од МЗ, вчера вкупно се вакцинирале 12.099 граѓани, а од нив прва доза примиле 2.969. Вкупно се аплицирани 1.474.507 дози вакцини, а ревакцинирани се 697.847 граѓани. 55% од населението над 40 години и 31% од населението над 18-39 години имаат примено барем една доза вакцина. Барем една доза вакцина примиле 776.659 граѓани.

Ребека Спасова МНет