
По повеќе децении без посериозна интервенција, улицата Загребачка во Штип конечно ќе добие нов асфалтен слој. Општината Штип ги започна подготвителните активности за реконструкција и асфалтирање на оваа значајна улица, која со години претставуваше проблем за локалните жители поради оштетениот коловоз и дотраената инфраструктура.
Станува збор за инвестиција која се реализира со средства од општинскиот буџет, а целта е да се подобри квалитетот на животот во овој дел од градот, како и безбедноста на учесниците во сообраќајот. За првата фаза од проектот, која опфаќа површина од 484 квадратни метри, се издвоени 400.000 денари. Втората фаза, која ќе опфати дополнителни 550 квадратни метри, е проценета на 572.000 денари.
Градежните работи ќе се одвиваат етапно, со цел да се минимизираат пречките за сообраќајот и секојдневието на граѓаните. Од Општината истакнуваат дека оваа реконструкција е дел од поширокиот план за санација на локалните улици и подобрување на урбаната инфраструктура во Штип.
Жителите на Загребачка улица со нетрпение ја очекуваат целосната реконструкција, надевајќи се дека по завршувањето на работите ќе добијат улица што конечно ќе одговара на современите потреби.
Иван Митев, М-Нет