Потпишани договори за набавка на возила за смет, како и за поставување смарт табли во десет општини преку ИПР

Нови специјални возила за одржување на јавна хигиена ќе се набават за општините Штип и Чешиново – Облешево преку Центарот за развој на ИПР. Станува збор за возила со кои ќе се олесни работата на јавните претпријатија. Дополнително потпишан е договор за изработка на физибилити студија за ски центар на Царев врв, со што се очекува ова да биде еден од најголемите пет ски центри во регионот.

„Во наредниот период Центарот за развој на ИПР ќе работи на повеќе проекти од кои што побитни се склучувањето договор за набавка на две специјални возила во Општина Штип и Општина Чешиново Облешево. Возилата се за одржување јавна хигиена, а целта на набавката на овие возила е подобрување на комуналната хигиена. Вториот проект е ажурирање на визибилити студија за ски центарот на Царев Врв кој опфаќа два региони и пет општини. Обезбедени се преку програмата за рурален развој девет милиони денари.“ – вели Здравков.

Преку ИПР обезбедени се средства за набавка и на смарт табли и садови за селекција на отпад во десет општини, односно опфатени се повеќе училишта во руралните средини.

„Третата работа која сакам да ја објавам е исто така потпишување на договор со Бирото за регионален развој, преку Министерството за Локална самоуправа за места со специфичен развој. Со овој договор обезбедени се 2,5 милиони денари за набавка на смарт табли и садови за селекција на отпад во десет општини во регионот“ – додава Здравков.

Како што посочи Здравко, се работи на реализација на проекти во сите општини во регионот со цел подобрување на условите за живот.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет