
Повеќето од старите куќи во Штип, особено во штипско Ново Село се во приватна сопственост. За реконструкција на истите потребно е самите сопственици да одвојат финансиски средства, но и да изготват проект кој ќе го приложат до Општината. Според нив, причина за состојбата на распаѓање во каква и се куќите е комплицираната постапка. Според директорот на НУ Завод и Музеј, Митко Штерјов, најчесто проблем се финансиските средства.
„Таа процедура е многу едноставна. Меѓутоа, пак ќе потенцирам дека тоа се приватни куќи и вообичаено луѓето сакаат да направат нешто повеќе, а не да го зачуваат ликот и процедурата, односно законските регулатива според кои има одредено што сè треба да содржи реконструкцијата на една куќа. Инаку, постапката е многу едноставна. Тие само поднесуваат барање до Управата, а таа се обраќа до НУ Завод и Музеј Штип, каде што ние ги даваме условите и само треба да направат проект за реконструкција. За таа постапка може да поминат неколку денови, најмногу до еден месец. Меѓутоа, главното е тоа што сопствениците треба да направат проект со кој ќе се обратат до Општината. Проблемот е и во средствата, бидејќи тоа се приватни куќи и секој работи врз основа на својот буџет“, вели Штерјов.
Сепак, како што додава Штерјов, тие ја следат состојбата на секоја од куќите за да не дојде до нивно рушење врз минувач или возило. Во Штип нема ваква ситуација, но во случај да дојде до истата, штетата ќе биде на товар на сопствениците. Бидејќи тоа се приватни куќи и обврската за одржување на истите е нивна, според Штерјов, општината нема одговорност во такви случаи.
„Ако навистина дојде до тоа, тоа е обврска на сопствениците, бидејќи тоа се приватни куќи, а не се под надлежност на државата или на НУ Завод и Музеј Штип. Оној којшто ја поседува има и обврска. Ако е споменик на културата, тој како сопственик има обврска врз основа на препораките од Општината. Одговорноста секогаш ќе биде на оној којшто е сопственик. Ние како институција може само да даваме насоки, а некогаш сме и преблаги во тој дел“, додава Штерјов.
НУ Завод и Музеј Штип како надлежна институција со вработени стручни лица може да помогне во изготвувањето на проектот, но иницијативата треба да дојде од сопствениците. Во штипско Ново Село има барем десетина куќи кои веднаш бараат реконструкција, но за нов лик на оваа славна населба ќе треба соработка помеѓу Општината и сопствениците, а и финансиски средства, бидејќи станува збор за поголема инвестиција.
Ребека Спасова М-Нет