Поставени дрвени куќички на Шеталиштето Ванчо Прке во Штип, последни подготовки за Пастрмалијадата

Дрвените куќички на Шеталиштето во Штип веќе се поставени, со што започнаа подготовките за претстојната Штипска пастрмалијада. Центарот на градот полека го добива фестивалскиот изглед, а Шеталиштето наскоро ќе биде исполнето со мирис на пастрмалија, добра музика и многу посетители.

Манифестацијата ќе започне во петок во 13 часот, а во текот на двата дена посетителите ќе имаат можност да уживаат во штипската пастрмалија, добра музика и дружење. Се очекуваат гости од цела Македонија, а на сцената ќе настапат Сара Јо, Таско, Лара и уште голем број изведувачи.

Во сабота, вториот ден од Пастрмалијадата, програмата ќе биде посветена и на најмладите, со настапи и изведби на децата од градинките. Вечерта, пак, главниот спектакл ќе се одржи на Градскиот стадион, каде публиката ќе ужива во настапот на големата балканска музичка ѕвезда Жељко Јоксимовиќ.

Одбројувањето започна – Штип е подготвен за уште едно издание на Пастрмалијадата, со традиционална храна, добра музика и многу дружење.

Ева Тушевска, М-Нет