
По направените вонредни инспекциски надзори во кочанската фабрика „Пејпер мил“ и констатацијата на Државниот инспекторат за животна средина, дека од оџаците на оваа фабрика се испуштаат честици и јаглероден монооксид повеќе од дозволенето, кон средината на месец јануари годинава оваа фабрика беше затворена. 120 работници не одеа на работа, а фабриката по вградување на соодветни филтри на нејзините оџаци, и рестартирање се подготвува за повторно започнување со работа. Во денешеното соопштение испратено до медиумите,од „Пејпер мил“ соопштуваат дека веќе е вграден вреќест филтер.
„Пејпер Мил информира дека е комплетирана последната фаза од поставувањето на вреќестиот филтер за прочистување на воздухот на фините честички прав во фабриката. Вреќестиот филтер всушност претставува гломазен контејнер од 8,50м должина, 3,50м височина и 2,50м широчина со над 130 таканаречени „ракави“. Филтерот се поставува со цел да ги прочисти и најситните честички прав, а со неговото поставување тројно ќе се намали емисијата на ПМ честички, дури три пати под дозволеното ниво со А Интегрираната дозвола која ја поседува фабриката, издадена од Министерството за животна средина и просторно планирање. Со тоа емисиите во воздухот од страна на единствената фабрика за рециклирање се намалува до ниво на строгите Европски стандарди, односно до 50 микрограми. “ – стоеше во нивното соопштение.
Оваа инвестиција со вреќестиот филтер е вредна над 55 илјади евра и се создаваат услови да се продолжи со работа со што емисиите на ситна прашина ќе бидат намалени три пати под дозволената вредност.
Нашето работење и беше во рамки на стандардите и согласно А интегрираната дозвола. Сепак, ние на сопствена иницијатива донесовме одлука да инвестираме во вреќест филтер којшто три пати ќе ги подобри параметрите, со што ќе ги постигнеме европските стандарди. Ние ги следиме европските норми кои се пониски од македонските. Тука нормата е 150 мерни единици, во Европа е 50, па ако досега сме ги задоволувале тие 150, во моментов се подготвуваме за 50. Веруваме дека со оваа инвестиција, како и со воведувањето на нови технологии и унапредување на повеќе процеси ќе можеме непречено да го продолжиме процесот на рециклирање и производство и да ги вратиме на работа 120-те вработени. Искрено очекуваме поддршка од страна на сите чинители во процесот.“ – изјави Јулијан Даскалов, Генерален директор на Пејпер Мил Кочани.
По воспоставувањето на вреќестиот филтер следува 15 дена пробна работа за да се види колку истиот ќе ги задоволи потребите. По завршувањето на овие 15 дена ќе бидат извршени мерења на квалитетот на воздухот. Од „Пејпер мил“ очекуваат дека потребите ќе бидат задоволени.
Лаура Стојанова М-Нет