Последни подготовки за манифестацијата „Зелникот на баба“ во сабота во Пробиштип

Во тек се последните подготовки пред одржување на манифесатцијата Зелникот на баба. По десетти пат во сабота во Пробиштип на плоштадот учесници од 16 општини од државата ќе бидат дел од оваа манифестација. Содржините се веќе познати, а интерес има и за учество и за гледање.

„И годинава има огромен интерес и за учество и за присуство од цела Македонија. Имаме 16 општини кои ќе земат учество, надополнети со четири невладини организации. И годинава има веќе познати содржини, демонстрација на тоа како се изготвува овој наш специјалитет, на лице место сукање и печење, а посебно интересна дисциплина е брзо сукање за која има голем интерес.“ – вели Илиевски.

Според Илиевски ваквата манифестација е единствена и оргинална во цела држава, токму и затоа е една од најпосетените. Во сабота освен од државата треба да пристигнат и најавените гости од соседна Република Бугарија, со што се очекува од четири до пет илјади луѓе да бидат дел од манифестацијата „Зелникот на баба“.

„Ветер во грб ни дава информацијата дека зелникот, македонскиот зелник е меѓу највкусните 50 јадења во светот. Што е најважно оргинални сме и единствен во државата. Ние очекуваме некаде околу 4 илјади до 5 илјади луѓе посетители од цела Македонија.“ – додава Илиевски.

Манифестација „Зелникот на баба“ не се одржуваше две години заради ковид пандемијата. Оваа манифестација е карактеристична за Општина Пробиштип, преставувајќи белег на традицијата и вкусната храна.

Лаура Стојанова М-Нет