
Зголемувањето на цената за одржување на градското зеленило помина на седницата на штипскиот Совет. Математички тоа би значело трипати повисока цена за одржување за м2 станбена површина и десетпати повисока цена за м2 дворно место. Сепак, директорот на ЈП „Исар“, Кирил Зајков, е дециден дека се врши усогласување, а не зголемување на цената и истото го правда со двоцифрената инфлација.
„Се изврши усогласување на цената, бидејќи истата била регулирана во 2010 година. Сите сме сведоци дека од 2010 до 2023 година, особено последната година инфлацијата е двоцифрена, цената на дериватите како директен инпут во позицијата на одржување на зеленилото е рапидно зголемена, исто и минималната плата, па поради тоа се изврши усогласување на цената за одржување на јавното градско зеленило“, истакна Кирил Зајков, директор на ЈП „Исар“.
На сметката која граѓаните ја плаќаат кон ЈП „Исар“ тоа би значело зголемување за околу 60 денари, по основ на зголемувањето на ставката за одржување на градското зеленило.
„Еве, конкретно, физичките лица досега плаќаа 0,5 денари од м2, а сега ќе плаќаат 1,5 денари од м2 за станбена површина. Меѓутоа, тој износ не е некој алармантен износ, ако станува збор за просечно семејство, тоа е околу 60 денари покачување во позицијата на одржување на јавното градско зеленило“, додава Зајков.
На крајот на минатата година, беше зголемена и цената на надоместокот за собирање смет, односно ѓубрарината, и тоа за 110% како поединечна ставка. Тогашниот директор го оквалификува покачувањето како незначително, бидејќи ако едно просечно семејство плаќало 1000 денари сметка, со истото би плаќало 1080 денари.
Ребека Спасова М-Нет