Вкупно 1.132.484 лица, 353.256 домаќинства и 480.364 станови попишани заклучно со 20 часот вчера, објави Државниот завод за статистика.
Можноста за самопопишување на лица во странство, пак, досега ја искористиле 193.742 лица.
Според ДЗС, досега нема евидентирано ниту едно лице кое одбило да се попише. Има граѓани кои одбиваат, ама не се евидентираат како такви. Од Заводот додадоа дека праксата покажала дека оние кои при првата посета не се попишуваат, го прават тоа на следната. Поради тоа, тие ќе продолжат да одат во домовите се до 30 септември, да ги потсетуваат на обврската, како и значењето и последиците од ваквата постапка.
„Во однос на прашањето за број на лица кои одбиле да се попишат, ДЗС нема таква бројка, бидејќи сè уште таквите случаи не ги третираме како одбивање. Попишувачите заедно со своите реонски инструктори, но и со државните инструктори, одат по неколкупати и разговараат со домаќинствата и во најголемиот број од случаите лицата прифаќаат да бидат попишани. Така што не можеме да зборуваме за број на одбиени попишувања. Во однос на евидентирањето на лицата кои одбиваат да бидат попишани, процедурата е следна – конечно пријавен случај на одбивање се пријавува во Државниот завод за статистика, кој понатаму го пријавува случајот во МВР, па понатаму тие постапуваат според законските решенија.“ – додаваат од ДЗС.
Во врска со казните за непопишаните, од Заводот велат дека ќе можат да зборуваат само кога ќе имаат официјално пријавен случај на одбивање.
Ребека Спасова МНет
