Александар Тодороски е добитникот на првата награда на 36. издание на фестивалот на забавна музика „Макфест“. Овој пат, победникот – штипјанец. Тодороски истакна дека и по три дена, импресиите не стивнуваат. На големата отворена сцена тој не ги криеше емоциите за кои и денес зборуваше пред објективот на нашата камера.
„Импресиите се прекрасни. Чувството е преубаво. Како што кажав и со првата моја реченица по најавувањето, „Не ми се верува“. Сè уште важи тоа, сè ме држи еуфоријата од саботата. Имав искуство со настапите во живо, па со тоа се надевав дека ќе соберам искуство и храброст за да излезам на фестивалот во едно задоволително средство“, рече Тодороски.
Аплаузот од публиката, како и многуте комплименти кои ги доби, беа знак за квалитетот на сега веќе победничката песна „Под исто небо“, како и впечатливото изведување на истата. Тодороски посочи дека ја подготвувале скоро два месеца, а за истата планиран и се подготвува и видео запис.
„Тимот е дуото, коешто за мене е незаменливо. Автор на музика и текст е Ристо Самарџиев, а автор на аранжман е Давор Јордановски. Песната во студио се снимаше на крајот на јули, беше готова во август, две – три домашни проби и дојде денот“, додава Тодороски.
Тодороски уште на првата полуфинална вечер освои најголем број на гласови од публиката, кога и влезе во финалната вечер со дебитантскиот настап. Како што порача тој, соништата се исполнуваат, а истите отвораат и нови врати.
Ребека Спасова МНет
