
Општините со напори во основните училишта да се запишат повеќе првачиња, ама реалноста на терен сосем поинаква. Од година во година бројката постојано се намалува, а главна причина е иселувањето. Во Општина Штип на пример оваа година има запишано 363 првачиња, што споредбено со претходната година е помалку за 35 деца. Но, пред три децении во штипските училишта се запишувале и по илјада ученици, а пред дваесет години оваа бројка била околу 700.
Во Општина Крбинци и оваа година бројот на запишани првачиња е 50, идентично како и лани. Општината со помош за родителите подели училишен прибор и еднократна парична помош.
Идентично е и во Општина Берово. Еднократна парична помош се додели на секое прваче и на секој запишан ученик во прва година средно образование, а во соработка со општествено одговрни компании се додели и училишен прибор.
„Мерката за поддршка на новозапишаните ученици во прво одделение и прва година е веќе реализирана. Средсравата се исплатени малку порано за да можат да им се најдат на учениците и да им помогнат во семејниот Буџет на нивните родители. Пред почетокот на учебната година на секој ученик им се доделуваат по пет илјади денари.“ – вели Пеќевски.
Но помошта од училиштата не ги задржува децата дома, бидејќи се селат цели семејства барајќи подобра иднина во странство. Па така во Општина Кочани оваа учебна година има 50 првачиња помалку споредбено со претходната година, односно запишани се 254.
Само девет првачиња две помалку од лани има во најмалата општина по бројот на жители во државата, Зрновци. Во Чешиново – Облешево настава следат 35 првачиња, во Пробиштип 82, во Виница 115, а во Делчево годинава има 109 првачиња.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет