
Веќе половина година лекот „Сандостатин“ е недостапен за Мирјана Малчева од кочанско Тркање, која е со активна форма на болеста акромегалија. Пред камерите на М-Нет телевизија Малчева вели дека откако ја прекинала терапијата во октомври минатата година, од кога впрочем и не е достапен лекот, јазикот веќе и е зголемен, а вели и се зголемуваат и останатите органи. Самата болест се појавува како последица на претерано излачување на хормонот соматотропин и доведува до прекумерен раст, или деформитети кај возрасните.
„Од октомври месец не сме ја земале таа терапија, и еве од кога не ја земаме таа терапија почна да ми се зголемува јазикот, не можам да одам. Велат ми нема што да правиме, малку сте пациенти, ретки сте, велат нема ја. Јас треба да ја земам ја туморот, за да не ми се зголемуваат органите, на мене органите ми се зголемуваат.“ – вели Малчева.
Малчева терапијата почнала да ја прима во 2021 година кога и било посочено дека треба да ја прима до крајот на животот, ама во октомври минатата година и било соопштено дека лекот не е достапен во државата, а да го набави на приватно вели многу е скапо и таа не може да си го дозволи тоа.
„Терапијата почнав да ја примам од седми месец 2021 примав ја до 10 октомври 2022 година“ – додава Малчева.
Од Министерството за здравство, велат дека се работи за пет пациенти кои треба да ја примаат оваа терапија, но додека да се набави лекот истите се покриени со заменска терпија. Додаваат дека деновиве се очекува Службата за општи и заеднички работи повторно да ја објават постапката за јавна набавка на лекот.
„Станува збор за лек кој го набавува Универзитетската клиника за ендокринологија, дијабетес и метаболни нарушувања, преку клиничката аптека во рамки на Службата за општи и заеднички работи. Последната постапка за јавна набавка која пред неколку месеци ја спровела службата завршила неуспешно поради тоа што не биле доставени понуди. Деновиве се очекува Службата за општи и заеднички работи повторно да ја објави постапката за јавна набавка. Инаку, станува збор за пет пациенти кои ја примаат оваа терапија на Клиниката за ендокринологија. Во меѓувреме, до комплетирање на тендерската постапка, овие пациенти се покриени со заменска терапија.“ – велат од МЗ.
Лаура Стојанова М-Нет